Претседателот Пендаровски го посети Државното правобранителство

Државното правобранителство на Република Северна Македонија во четврток го посети Претседателот г-дин Стево Пендаровски, кој оствари средба со Државниот правобранител г-дин Фехми Стафа и правобранителите за регионот на град Скопје.
На средбата Државниот правобранител г-дин Стафа го информираше претседателот на државата г-дин Стево Пендаровски за тековните активности на правобранителството, како и за предизвиците со коишто се соочува овој орган во вршењето на своите надлежности.
Исто така, на средбата со државните правобранители беше нагласена важноста правосудниот систем во Македонија да има соодветна, темелна и навремена реакција, целосно заштитена од политички влијанија.
Главен предуслов за напредокот на секоја држава е токму владеењето на правото, односно, неселективното и независно судство што професионално, правично и непристрасно ќе ги спроведува законите, нагласи претседателот Пендаровски. Тој, исто така потенцираше дека ова треба да биде наш императив со кој не смее да се прави компромис, не само за да ги задоволиме формалните критериуми за членство во ЕУ, туку за да ја вратиме довербата на граѓаните во државата и нејзините институции.